Толку беше. Моите предвидувања се остварија. За момент, во текот на изминатава недела кај мене имаше кратки изблици на оптимизам, но таму некаде далеку знаев дека чудо не е можно. Веднаш по завршувањето на мечот во Милано реков: не сум оптимист, шансите се многу мали и се движат од 10 до 15%. Уморен и без енергија го догледав мачењето. На крај воопшто не ме допираше ниту трчањето по терен на кловнот Мурињо, ниту судиите, ништо. Бев празен. Можеби и малку лут. Владееше големо разочарување. Дали е време за план Б? Испаднавме од екипа која, посебно против нас, негуваше тотален антифудбал. Доаѓање на Ноу Камп без секунда да се размислува на противничкиот гол, чисто само да се одбрани резултатот, е досега невидено за едно полуфинале на ЛШ. Уште поголема срамота е тоа што дозволивме таква игра да не исфрли од натпреварувањето. Моравме да веруваме повеќе. Да веруваме дека не може на таков кукавички начин да не поминеш. Без разлика на се. Нема тука никаква тактика. Тука срцата треба да водат.
Судиите. Ах!!!! Вредноста на фудбалот како игра опаѓа. Многу често се случуваат судиски грешки. Фудбалската мафија предводена од ФИФА и УЕФА намерно не сака да воведе технологија за да може да ги контролира резултатите. Во овој случај, се покажа пресудно судењето на анонимниот португалец во првиот меч. Најмногу сол на рана ми додава сосема регуларниот гол на Кркиќ на крај. Да не се случеше тој момент, сосема чисто ќе го прифатев испаѓањето. Вака се чувствувам излажан, прелажан…Можевме и моравме да го поминеме Интер. Сосема мала утеха ми е ланското поминување со Челзи, кога, рака на срце, судијата не досуди чист пенал за нив при 1-0. Сега знам како им било. Веројатно се се враќа, но сум на мислење дека ова е поголема судиска лакрдија од тогаш.
Сега виси и Ла Лига. Со две тешки гостувања во Виљареал и Севиља, бодовната разлика од еден бод ќе бара многу енергија да се одржи. Што се однесува до ЛШ и финалето, ќе навивам силно за Баерн, но знам дека Интер рутински со 2-0 ќе дојде до трофејот.
















