Нема врска со спортот, ама препорачувам да го прочитате коментаров

Вчера светот ја одбележа 60-годишнината од усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права. Се искажаа многу пофални слова за важноста на овој документ, но изостанаа одговори зошто тој по повеќе од половина век остана со строго ограничено дејство. Човековите права денес најмногу му припаѓаат на оној дел од светот што рефлектира богатство и политичка моќ. Малите и сиромашни земји се исклучок што го потврдува правилото дека хипокризијата е поуниверзална од декларацијата. Светот во 21 век е спектар од апсолутистички режими во кои не вирее никакво право, од сиромашни системи во кои е загрозено правото на живот, вода, храна, дом, па до успешни стари демократии, кои заради свои интереси грубо ги кршат човековите права во други земји, а нивното спроведување го проповедаат како врвен критериум за разни интегративни процеси.
Токму Република Македонија е жртва на таков дволичен однос од земји, меѓународни институции и организации што се саморекламираат како лулки на демократијата и царства на човековите права. Македонија е единствената земја во светот на која и' се оспорени правото да го употребува своето уставно име и сите други права што произлегуваат од тој идентитет. Европски и светски лидери денес држат лекции за „големиот јубилеј“, но во него не инвестирале ништо што има врска со право на интегрирање и право да се биде свој во богатството од култури, јазици, нации.
По 60 години од декларацијата, Македонија има право само на наметнати компромиси, право да го смени уставот, знамето, право да добие привремена референца, право да биде гетоизирана со срамен шенгенски ѕид, право да добива вето за зачленување во НАТО, право на наметната изолација. Свесни сме дека дел од овие права „ги освоивме“ и со слабостите на нашата домашна политика, но и такви - несовршени, просечни или потпросечни - не сме „enfant terible“ на Европа.
Погледнете го денес нашиот европски сосед Грција. Дали таа е европски пример за безбедност, демократија и почитување на човековите права? Европа во своите пазуви толерира земја-членка, која постојано ја тресат корупциски скандали главно поврзани со европски пари. Нема ли Грција обврска да се бори со криминалот? Нема ли обврска за отчет во Брисел? Нема ли обврска да го реформира судство? Кога ќе ја реформира полицијата што пука во 15-годишни деца? Кога ќе почне политички дијалог за да ја спречи анархијата и да обезбеди елементарна стабилност во земјата? Кога ќе почне да ги почитува правата на малцинствата? Кога ќе ги исполни критериумите што не ги исполнила кога била примена во ЕУ? Ќе има ли дополнителни бенчмаркови за Грција? Ги сменија ли сите Грци своите лични карти во кои се' уште е запишана и нивната вероисповед наспроти бриселските заложби за граѓански концепт на европското друштво? Имаме ли право и на други прашања или ќе бидеме обвинети од Брисел „за изјави што можат да имаат негативно влијание врз добрососедските односи“?
Се согласувам со Кушнер дека чукаме на погрешна врата, затоа што погрешен и лицемерен е севкупниот однос на ЕУ кон Македонија. Дури и признавањето на европските грешки денес се потпира на отворено лицемерство. Пример за тоа е и вчерашната изјава на Кушнер за „Паризиен“: „Згрешив кога побарав во Франција да се воведе секретаријат и министер за човекови права, затоа што постојано има противречност меѓу човековите права и надворешната политика на една држава“. Токму така. Кушнер знае дека слободата на движење (без визи) е основно човеково право, но надворешната политика на Франција има поинаков став за таквото право на Македонците. Европските лидери денес се однесуваат како корумпирани грчки попови: „Не гледајте што правиме, туку слушајте што проповедаме“. Со таквото однесување лично ги подгреваат евроскептицизмот и дезинтеграцијата, а бараат од земјите-кандидатки да ги јакнат идеите за европска интеграција. Врз основа на двојни стандарди, на морков и стап, на поделба на стара и на нова Европа, на Балкан и Западен Балкан, западнавме во тежок апсурд.
Читам дека на малезиски космонаут што требало да замине во Меѓународната вселенска станица му бил скроен посебен скафандер во кој ќе може да ги извршува религиозните обреди - да му се поклонува на Алах во бестежинска состојба. Се радувам што некои луѓе дури и во вселената се избориле за своите права. Но, не можам да прифатам дека овде на Земјата, во 21 век, цела една држава може да се држи во „бестежинска состојба“, ни на небо ни на земја, обезличена од основните права на нејзините граѓани, против сите правила на гравитацијата и на индивидуалноста при глобализацијата. Декларацијата е мртва, да живее универзалното право на хипокризија.
Катерина Блажевска