
Уште едно Ел Класико и уште една радост. Петта по ред. Оваа некако беше најслатка. Ако ланските 2-6 на Бернабе беа оргазам, овие 5-0 овозможија чувство на чиста среќа. Конечен удар и победа против вечниот ривал. "Признаваме. Грешевме многу. Грешевме што мислевме дека со лажни вредности ќе стигнеме до вистинската цел". Вака приближно се чувствува секој мадридиста во моментов. "Овој пораз ќе ни помогне да созрееме", ќе изјави спортскиот директор на Реал Хорхе Валдано. Да созрееме? Реал Мадрид? Гигантот допрва ќе зрее? Сфаќате ли какви последици ова остава врз клубот? Фудбалот е во сигурни раце. Победата на доброто е осигурана. Ова е "11 септември" за Реал Мадрид, по кој ќе мора серизно да седнат и да кројат нова стратегија и модел како понатаму. И сега се во паника. Знаат дека со голо купување не можат, а заостануваат минимум 15 години зад Барса ако мислат да ги копираат. А не можат да си го дозволат уште толку години каталонска доминација. Трето нема. Зашто додека Мијатовиќ залижан им се шеташе по светот и се чаталеше, ние ги растевме Меси, Педро, Иниеста, Чави, Валдес, со јасна визија за тоа како треба да изгледа најпопуларната светска игра. И сега светот се воодушевува и се поклонува пред Барселона и нивната игра, која е лесна на око, а неверојатно тешка на нозе. 400 милиони луѓе низ светот беа сведоци на спектакл, нешто што вистинските љубители на фудбалот ги доведе до точка на топење. Некаде прочитав еден предлог: претставата на Барса да се заштити како историско културно наследство. А Мурињо? Уф, колку му е тешко. Се најде на непозната територија бидејќи ова за него е нешто ново. Прежувува нови искуства. Ова му е четврти пораз на Ноу Камп (има и две нерешени), но сега беше понижен и натеран да се поклони пред подобриот. Беше казнет како секој кој арогантно се спротиставува на сила на која не можеш да и се спротиставиш. Беше соочен со моќно цунами кое брише се пред себе. Всушност, сето ова е еден класичен пораз на една погубна политика, пораз кој мораше на овој начин да се случи зашто претходно упорно тераа на погрешен колосек. На дербито истрчаа со играчи кои до вчера Класико го гледаа на ТВ. Токму затоа претходно ја критикував и продажбата на Раул, па и на Гути, фудбалери кои "го дишат" дербито. Сега во нивниот тим таков калибар е само Касиљас. Ди Мариа, Роналдо (не успеа ни во петтиот обид да ја затресе мрежата на Барса), Кедира, Озил...Квалитетни играчи, но не можат да ја издржат таа тежина. А најстрашно од се беше и нивната исфрустрираност, која можеше прецизно да се измери. Седум жолти, еден црвен, а за ѓубрето Рамос не треба да се трошат многу зборови. Крена рака на оние кои малтене му ја донесоа титулата светски првак. Но и тука сме големи луѓе. Пујол веќе му прости изјавувајќи дека не му замерува, дека со Рамос се добри пријатели и дека тоа што се случило на теренот останува на теренот. Ама и кога ќе ги видиш вака, тупи изгледаат сиромашките. Предничат Роналдо, Пепе, Бензема, Карваљо итн. Како сега психолошки ќе ги крене Мурињо? Веројатно и тој е свесен за нивната ограниченост. Во спредба со нив Блауграна изгледаат како малите Ајнштајни. И по фудбалска интелегенција. Како и да е, ги береме плодовите сочни што ги посадивме пред многу години. А таму каде што труне, скапува и смрди, не треба да многу да се обрнува внимание. Макар и да е маскирано во бело.











Можеме слободно да одвоиме 11 души од К4 и резервни играчи и да се појде во Кавадарци.Гарантирам дека нема да се загуби со 4 гола,а можно е да се постигне барем еден.








