1903....ш'чо напраифме - Крсте Петков Мисирков
2011....шо напраивме - Владо Илиевски
"лелеее, шо напраивме, луѓеее шо напраивмеее, лелееее"
Владо Илиевски, мигови по победата над Литванија
"Што е тоа во овој тим на Македонија, што на никому не му дозволува да го победи лесно и убедливо"? - го прашаа новинарите Јавтокас.
"Кажете ми вие на мене, јас не знам. Кога играте против нив изгледа дека не прават ништо специјално. Играат проста кошарка и тоа функционира. Ако тоа е доволно за победа, тогаш нема што да им се приговори", одговори литванскиот центар. Стварно, што се случува со Македонија? Знае ли некој? Шпанскиот селектор одговори дека играме некој невообичаен систем со пет играчи позади линијата од 6,75, но пред мечот со Русија кога од кампот на Зборнаја прашале некој литвански експерт што е работава со Македонциве, тој им дал едноставен и прост одговор - "Macedonia has balls". Други пишуваа - што добивате кога ќе споите седум Македонци и еден Американец? Одговорот е 300 Спартанци (алудирајќи на филмот, ако некој случајно не го гледал). И стварно се добива такво чувство. Како да сме големи воини, спретни, мудри. Да ми речеше дека ќе бидеме сензација на првенството може и ќе му верував. Ама дека ќе победиме четири утакмици со два разлика, нешто за што не верував дека имаме менталитет, ќе му речев да се прегледа под итно. Најголемиот успех на македонскиот спорт е постигнат со верба во себе, знаење и неверојатна хемија меѓу играчите и стручниот штаб. А и Докузот ја разбира кошарката :-) Генералот, како што го нарекуваат некои медиуми, успеа да најде противигра за најсилните европски селекции, а и еден Божо Маљковиќ го стави во џеб. Има ли врска, може ли да се најде линк меѓу тригодишното фурање со антиквизацијата, Аце Велики и неговата фаланга со овој подем на македонскиот дух? Секако дека може. На некое микрониво, подсвесно, во најдалечните чакри на македонскиот мозок, допира импулсот дека некогаш сме биле големи, сме биле "воини на коњи". Ако приметувате, од речникот полека и се губи терминот "македонче", толку својствен за малиот, слаб и кршлив припадник на овој народ (иако тотално погрешно интерпретиран, сум зборел за ова. Доаѓа од Србите, кои немаат деминутив и на кои секогаш им е интересно членувањето во нашиот јазик. Но ние сме се препознале и сами сме си го припишале значењето). Полека се вградува чипот дека иако сме географски мали, не мора да сме помали по дух и срце од кој било друг. Ех, кога ова би допрело и до фудбалерите. До нив изгледа последно ќе стигне. Ама ќе стигне. Ќе поминат многу генерации, многу, едно 10-20, може и повеќе пред да го повториме овој успех. Браво за дечките. Поголема афирмација никогаш не сме доживеале. Да бидат наградени. Богато. Затоа што направија да се чувствуваме дека никогаш не било поубаво да си Македонец.
Трпе возбудено ги коментира последните секунди
неизмерна тага
неизмерна радост
на картите за полуфиналето веќе беше отпечатена Литванија како полуфиналист
Вакво нешто не се видело. Плоштадот "Македонија". Аце ја поздравува масата.

Трпе коментира со губење од среќа....
ReplyDelete