Thursday, December 9, 2010

Стока


преземено од Дневник


За инцидентот во кој репрезентативецот во тунелот од стадионот удри член од противничката екипа Австрија Магна, кој завршил со изместена вилица и потрес на мозокот, според австриските медиуми, ќе има судска разврска. Стандардниот првотимец на македонската фудбалска репрезентација Илчо Наумоски, според најавите на австриските медиуми, го достигна врвот на своите скандали. Најавено е дека против него ќе биде поднесена кривична пријава за удирање со тупаница на службено лице од противничка екипа, надвор од фудбалскиот терен. Изминатиов викенд Наумоски и неговиот Матерсбург загубија со 0-1 против Австрија Магна, а темпераментниот напаѓач, веднаш по неговата замена во 89 минута, се упатил во тунелот и таму му удрил бокс на Хералд Ертл, кој бил член на персоналот на Австрија Магна. Службеникот веднаш бил пренесен во болница, каде што бил задржан само еден ден, но била дијагнозирана изместена долна вилица и потрес на мозокот. Против 27-годишниот македонски интернационалец Наумоски ќе биде поднесена кривична пријава до цивилен суд. Првпат на контроверзниот фудбалер одеднаш му се закануваат санкции од три страни, бидејќи неговиот случај ќе го разгледува и дисциплинската комисија на Австриската фудбалска федерација и клубот Матерсбург. - Во моментов имам состанок со мојот клуб за да објаснам прво за што стануваше збор, а потоа верувам дека со нивна поддршка ќе ја средиме работата надвор - возврати кратко во телефонскиот рапорт Наумоски, за „Дневник“. Бидејќи инцидентот не бил снимен од ТВ-камерите, а исто така и главниот судија не го видел, случајот ќе се решава со изјави од засегнатите страни и по пат на сведоци. - Порано работев во Матерсбург, а Илчо го познавам од времето кога играше во ГАК. Се упатив кон него за да зборувам, но не го испровоцирав и не му кажав ништо лошо. Не кажа ниту еден збор, туку неочекувано наеднаш ме удри - гласи изјавата на Ертл. Според претседателот на Австриската фудбалска федерација, ова е уникатен случај на недисциплина. - Казната ќе биде веднаш одредена по сослушувањето на засегнатите страни и сведоците. Ваквото однесување му штети на целокупниот имиџ што го гради австриската бундеслига. Откако сум претседател, немало таков брутален напад за време на натпревар од страна на еден фудбалер. За вакво дело, треба да има казна и за неговиот клуб Матерсбург. Кривичната пријава не ја поддржуваме затоа што таа ќе влијае негативно на фудбалот. Ферплејот и моралот систематски го спроведуваме, па ова треба што побргу да се заборави - истакна првиот човек на националната федерација. И во цивилниот сектор се очекува истрага по пат на сведочење, а таму како докази во предвид ќе бидат земени и лекарските извештаи од страна на болницата во која биле санирани повредите на Ертл. - Ќе бидат повикани претставници од двата тима, а ако сакаат да соработуваат луѓето од Матерсбург, случајот ќе се реши набрзо - истакна обвинителот. Австриските медиуми веруваат дека е можно Матерсбург да го казни робусниот центарфор, но и дека претседателот на клубот повторно, како неколкупати претходно, ќе застане во негова одбрана.
Во март годинава за гуша го фати својот соиграч Велтнер, а летоска навредуваше судија на контролна средба и заработи пет средби неиграње, но не беше казнет. - Интерно ќе ја следиме ситуацијата, но ќе го браниме Илчо со сите правни средства при кривичното гонење - истакна претседателот, кој во спортската јавност е познат по тоа што повеќепати го толерирал и го заштитува македонскиот репрезентативец. Тој сезонава поради санкции пропушти шест првенствени средби, а на 12 декември ќе направи една година како нема постигнато гол за Матерсбург. Неговиот темперамент веќе добро им е познат на противничките навивачи и во последно време постојано го провоцираат каде и да игра.

најчеста слика кога Илчо е на терен

А јас само се прашувам колку ли пари им плаќа на тренерите кои го пуштаат да игра? Па еден Балотели и подисциплиниран, а милион пати е поталентиран од нашиот Илчо. Па секој тренер со здрав разум и познавање на фудбалот овој не би го ставил ни пет минути да игра. Кај што е дрво невидено, па уште и сее недисциплина по терен. Не ми е јасно. Тој и Мики Јону се олицетворение на нашата комична репрезентација.

No comments:

Post a Comment