Friday, November 5, 2010

Копи Пасте


Барса најде нов Меси во Работнички

И покрај масовното заминување од земјава, во Македонија постојано „никнуваат“ таленти што се магнет за големите клубови. Тројца од нив се на проба или играат во младинските состави на шпанскиот гигант Барселона. Давид Бабунски веќе е староседелец во младинскиот погон на Каталонците, Ваљмур Нафиу од Шкендија беше на проба, а најинтересен е примерот на 11-годишниот Димитар Митровски, кој е член на Работнички.

- Претседателот на Барселона, Сандро Росел, се интересираше за фудбалската слика на Балканот при средбата што ја имавме на состанокот на европската клупска асоцијација. Ме праша дали имаме таленти, а јас му предложив да погледа видеоматеријал за талентираниот Митровски, кој е копија на Меси. Откако во Барселона го виделе материјалот, веднаш ми се јави Росел. Не му се веруваше и ме праша да не се шегуваме. Откако се увери дека и ние го имаме Меси, ни испратија три авионски билети за да може Митровски да допатува кај нив на тренинзи. Реакциите оттаму се позитивни, а деновиве очекуваме комплетен извештај. Нашата клупска политика е да им овозможиме на нашите фудбалски таленти подобри услови за развој. Немаме намера да продаваме таленти, туку само да им дадеме шанса да се надградат во врвните светски клубови - вели Игор Ангеловски, спортскиот директор на Работнички.

Уште две „нивни“ дечиња се на радарот на европските големци. За голманот Столе Димитриевски, кој веќе дебитираше и за сениорскиот состав на „романтичарите“, се заинтересирани Твенте и Ајакс. Талентираниот голман кој има само 16 години веќе беше во кампот на Твенте. Во Шалке 04 е неговиот врсник Виктор Ангелов, кој има 16 години и настапува во Б1-дивизијата за кадети.

- Ние правиме се' за да им овозможиме на талентите одлични услови и кај нас во Македонија. Изградивме модерно игралиште со вештачка трева, во план ни е да направиме уште едно, а младинската школа ни функционира беспрекорно. Младите фудбалери заминуваат на усовршување во договор со двата клуба. Значи, тие се наши играчи што добиваат можност за надградба во големи европски екипи - вели Ангелоски.

Родителите преку свои врски бараат пат до Европа

Во соседството на Работнички, во Вардар има уште еден Меси, извонредно талентираниот и атрактивен напаѓач Иван Настевски. Момчето има 19 години и е бисер на мак-фудбалот, но и тој веројатно ќе си замине, уште зимава.

Него барем малку, година и пол - две, имавме можност да го гледаме на нашите терени, што не е случај со многу други таленти што си заминаа без да остават белег во мак-фудбалот. Потекнува од позната школа на Македонија ЃП, од каде што во последно време заминаа неколку фудбалери помлади од 17 години, а најпознат меѓу нив е Филип Дурански во Славија Прага.

- Преку тренинг-компензација клубовите се обидуваат да заработат нешто што е многу малку во однос на талентот што го имаат младите играчи. Родителите гледаат дека овде нема основни услови за работа, како што е на пример личната хигиена. По секоја цена преку контакти со пријатели ги туркаат во странство и подготвени се нивните деца таму да настапуваат и без никаков надомест, само за да останат да се докажуваат. Во нашиот фудбал има прописи и инструменти да се спречи тоа, но не функционираат. Тоа не се запира, бидејќи не е во интерес на некои поединци - наведе Роберт Стојановски, доскорашниот координатор на школата на Македонија ЃП и поранешен селектор на селекцијата до 17 години.

Во последниот состав на националната репрезентација за играчи до 17 години, од вкупно 18 играчи, дури осум од нив дојдоа од странство.

Зоран Поповски
Александар Кузмановски

3 comments:

  1. Боки смета дека ова е подобро за нашите таленти,голема можност за нивно издигнување во одлични фудбалери,па здравје утре Македонски репрезентативци и поголеми шанси да стигнеме до некое натпреварување.
    Нека им е со среќа на момците....

    ReplyDelete
  2. Инаку да се консултира директориумот на ВАСИЗОР,дали ќе биде дозволено за понатаму вакви текстови во стилот копи-пасте или ќе се забранат со директориумско стручен декрет????

    ReplyDelete
  3. Секоја тема поврзана со спортот е добредојдена на Васизор. Тоа може да биде добра колумна или било што преземено од некој медиум. Што се однесува до текстот, секако дека тоа е добро и очекувано. Уште од најмали нозе, како Меси од Работнички, на 10-11 години надвор од оваа жабокречина. И Пандев така успеа. Оти не сме ништо помалку талентирани од другите. Само условите се разликуваат. Па здравје за едно 15 години на Мундијал.

    ReplyDelete