Friday, September 4, 2009

Eurobasket Poland preview

Група А
Најсилна – Грција. Па Хрватска. А за третото место би требало да се бориме ние и Израелците. Победникот од овој дуел лесно би можел да го добие епитетот – најпријатно изненадување на првенството. Но, како и секогаш, можни се изненадувања.

Македонија
Врба и последните “македонски воини”. Така некои од странските медиуми го опишаа спојот на искусни ветерани и млади играчи од македонската репрезентација. По откажувањето на Владо Илиевски поради повреда, најзвучно име во нашиот табор предводен од Јовица Арсиќ, е Врбица Стефанов, легенда и прекален ветеран. Тој ќе биде предводник, а најголема поддршка ќе има од Тоше Гечевски и Перо Антиќ. Двајца американци – Џеремаја Меси, играч со одлични атлетски способности и Дариус Вашингтон, кој би требало да ја покрие дупката на бековската позиција. Сепак, еден од нив ќе мора да отпадне од тимот според правилата на ФИБА. Тоа ќе значи и десеттина поени помалку за Македонија, барем според учинокот во припремите. Тука е и талентираниот Предраг Самарџиски од белградски ФМП. Одигравме одличен припремен период, се најдовме и во финалето на Ефес купот каде што тесно загубивме од Хрватска. Одбраната беше цврста, транзицијата солидна. Шансата ја гледаме против Израел, но не е исклучено и да направиме изненадување со Хрватска или Грција.

Грција
Најзвучна репрезентација од оваа група и фаворит за првото место во групата. По пет години со Јанакис, селекцијата ја презеде Јонас Казлаускас. Доаѓаат во Полска со нешто изменет состав, ослабени за Папалукас и Диамантидис, станадардни и многу важни членови на првата петорка. Од поискусните тука се Спанулис и Фоцис. Голем плус имаат во т.н. “бејби Шек”, Софоклис Скорцанитис огромен центар кој ќе биде незгоден за секоја одбрана, а тука е и Костас Куфос, играч на Јута Џез. Ќе играат агресивно, сонивниот познат фанатизам. Целта им е освојување медал.

Израел
Би можела да биде откровение на првенството. Во последен момент обезбедија настап во Полска по трауматичните квалификации. Тренерот Шерф има неколку топ европски играчи меѓу кои се Халперин, Бурштајн, Грин и новиот играч во најсилната европска лига, шпанската АЦБ, Лиор Елијаху (Каха Лаборал, екс Тау Керамика). Играат динамична и експлозивна кошарка, а тука немаат што да изгубат што ги прави опасни за секого. Патиштата со Израелците порано често ни се вкрстуваа, а меѓусебните дуели не ги паметиме по добро.

Хрватска
Во припремниот период го освоија Ефес купот, победувајќи не нас во финалето. Избраниците на Јасмин Репеша во Полска доаѓаат по медал, но Хрватите отсекогаш знаеле да се преценат, па тоа би можело да биде случајот и сега. Имаат само еден играч од домашното првенство, а прво име е МВП-то од Ефес купот, играчот на Милвоки Бакс – Роко Укич. Според него, Хрватска е меѓу петте најдобри екипи на првенството. Тука се и Кус и Пркачин, но тој моментално е без клуб. Инаку, првите шест репрезентации од Полска обезбедуваат настап на СП 2010. Тоа веројатно и би била крајната можност за Хрватите.

Група Б
До пред неколку дена се сметаше дека ова е најслаба група, бидејќи се чекаше која ќе биде последната репрезентација која преку бараж ќе влезе на првенството. Но, со влезот на Франција, групата Б стана една од поквалтетните, иако во неа има доста откази внатре во екипите. Да беа Русите и Германците комплетни, ќе имаше страшна кошарка, вака...

Германија
Може слободно да ја понесе титулата за најголем несреќник на првенството. Далас му забрани настап на Новицки и амбициите автоматски паѓаат удолу. Да биде работата уште полоша, се повреди и првиот центар Каман, отпадна и стандардниот бек Цвајнер, така што тренерот Бауерман има една сосема нова екипа. Додатно е повикан Фемерлинг, кој ќе биде најпознато име во германскиот камп. На турнирот во Ефес, ги победивме со едно 20 разлика затоа што на крај влегоа младите инаку не им гинеше 40 разлика.

Русија
Актуелен европски првак, но со мали шанси да го одбрани насловот. Без најдобриот играч од минатото Европско Кириленко, без Џеј Ар Холден, одбраната на титулата е скоро невозможна. Теретот ќе падне на Хрјапа, единствената руска звезда во Полска, а и тој влече некаква повреда на коленото.

Франција
Стигнаа на Европско како “последен мохиканец”, но веднаш станаа кандидати за медал. Со добри поедници, сите “ластегарки”, немаат некој позначителни откази. Ќе ги предводи Тони Паркер, тука е Рони Туриаф, Микаел Пјетруш, човекот кој играше финале со Орландо оваа година, па и Борис Диа, сите ред со ред познати НБА имиња. Но, тоа не е се. Имаат и добра клупа, но не се непобедливи. Посебно ако не им тргне шутот, а имаат и доста проблеми од линијата за слободни фрлања.

Латвија
Репрезентација со одлична центарска линија и опасни шутери. Ако им тргне шутот може да победат буквално секој. Но немаат квалитет да го одиграат секој натпревар на високо ниво. Имаат свои недостатоци, а како најголем квалитет им се припишува тимската игра и хемијата меѓу нив. Имаа среќа со ждребката и оправдано се надеваат на пласман во втората фаза по групи.

ГРУПА Ц
Веднаш по извлекувањето важеше за “група на смртта”, но во меѓувреме се случија неколку битни промени, односно откази на некои од клучните играчи.

Словенија
Јаки ко земја. Силно сакаат да земат медал. Селектор е добропознатиот Јуре Здовц, а составот им изгледа како Ол Стар екипа, иако отпаднаа Сани Бечировиќ и Рашо Нестеровиќ. По Шпанија, можеби најјака селекција на имиња. Саша Вујачиќ од Лејкерс, двоецот од ЦСКА Смодиш и Лорбек, плејот на Барса Јака Лаковиќ, Нахбар, Удрих...Ако успеат да се најдат како екипа и се подредат на тимот, не им бега одличје.

Србија
Најмладата репрезентација на ова првенство. Најголемиот нивни адут – Душан Дуда Ивковиќ. Што се нема освоено, па ќе има што да им пренесе на младите. Се соочија со многу откази – Стојаковиќ, Јариќ, Ракочевиќ, Радмановиќ, Миличиќ, Павловиќ, Авдаловиќ, Гуровиќ, човек да си рече па добро со кого ќе играат овие. Но Србија отсекогаш изобилувала со кошаркарски талент, а сега ќе ги предводи 27 годишниот капитен Ненад Крстиќ. Главната цел им да направат добра генерација за ОИ 2012 во Лондон.

Велика Британија
Дебитант. Нова држава на кошаркарската мапа на Европа. Со играчи како Бен Гордон и Луол Денг, ќе беа достоен противник на секого, но со нивните откази Британија спаѓа во репрезентациите кои грчевито ќе се борат за вториот круг. Немаат искуство, се паднаа во најсилна група, па не им се пишува добро. Се очекува да направат солидна селекција за ОИ 2012 во Лондон.

Шпанија
Прв фаворит на првенството. Репрезенатција која редовно си игра финалиња, но за чудо, никогаш не била европски првак. Тоа ќе им даде екстра мотивација. Најблиску беа на последниот Еуробаскет, кој го играа дома. Се беше подредено за освојување на насловот, но тогаш се појави Русија и се случи шок. Светски прваци, олимписки и европски вицепрваци, страшно талентирана генерација која во припремниот период газеше се пред себе. Прво име – По Гасол. Шпанците малку се загрижени за него зашто го скрши прстот на припремите, но засега неговиот настап не е доведен во прашање. Потоа тука е Руди Фернандез од Портланд, најдобриот играч од шпанската АЦБ лига Фелипе Реес, па Хуан Карлос Наваро, па Гарбахоса, па еден од најдобрите млади кошаркари во Европа, ако не и најдобар, Рики Рубио, па Гасол помладиот...Сите позиции им се добро покриени, а единствено недостаток е откажувањето на првиот плеј Калдерон од Торонто.

ГРУПА Д
Најнепредвидлива група. Сите може да бидат први и последни. Добро, може Бугарија нема капацитет да победи на три утакмици, ама затоа може да победи било кого во групата...

Полска
Домаќин. Имаат солидна репрезентација, не премногу јака група и огромна поддршка од трибините. Немаат некои познати имиња, но дека знаат да бидат незгодни покажаа против Хрватска и Шпанија во подготвителниот период, кога изгубија со мала разлика. Главен императив ќе им биде победа против Бугарија, со што веројатно би обезбедиле пласман во вториот круг.

Турција
Избраниците на Богдан Тањевиќ спаѓаат во оние репрезентации кои се тотално непредвидливи. Прво победуваат се, па после на припремите почнаа да губат од секого. Тањевиќ прави екипа за СП 2010 во Турција и ова натпреварување може да им послужи како уигрување. Лидер на теренот никој друг туку Туркоглу, а негов партнер на крило е Илијасова, иднината на европската кошарка. На плеј – Тунчери, солиден кошаркар кој си ја знае работата. Ќе беа многу посилни со Мехмед Окур од Јута, но него ќе го нема поради расправија со селекторот. Ако им тргне, може да стигнат до подалеку.

Литванија
Доаѓаат битно ослабени во Полска. Ќе го нема Јасикевичиус, можеби најдобриот европски плеј со години наназад, ќе го нема и Шишкаускас, па Каукенас, по многумина најдобриот европски кошаркар во контранапади, како и одличниот шутер Мацијаукас. Да беа комплетни, не им бегаше медал. И вака имаат добри играчи, сепак се кошаркарска нација, но најголем недостаток ќе им биде тенката бековска линија.

Бугарија
И се даваат најмали шанси во оваа група. Најдобриот нивни играч Ибраим Жабер го пропушта првенството поради Рамазан. Својата шанса ја гледаат против Полска, а нивна најсилна карика е легендарниот тренер Пини Гершон. Имаат натурализирани Американци, а од Б’лгарите тука е ветеранот Стојков. Спаѓаат меѓу аутсајдерите на ова првенство, но на припремите одиграа неколку одлични натпревари со што потврдија дека не случајно се во Полска. Плус во квалификациите ја исфрлија една Италија, па ни би требало прерано да се отпишат.

No comments:

Post a Comment