Friday, May 8, 2009

Барса во Рим!

Отидовме во финалето! По еден контроверзен и крајно напнат меч, Барселона со голот на “San Andres”, нашето златно момче, патува во Рим. Иако не ќе беше незалужено и Челзи да оди понатаму, сепак кога се ќе се собере и одземе, вклучувајќи ја формата во целата сезона, Каталонците сосема заслужено ќе ги вкрстат копјата со силите со стариот џвакач.

Судијата. Посебна приказна. Требаше да досуди најмалку еден пенал. Пет спорни ситуации, во кои според експерти и анализи на судии, непристрасни гледачи, чист беше само оној кога Анелка го заобиколуваше Пике. Тука нема ни најмал приговор. За два, по мене, воопшто не стануваше збор за најстрога казна (ударот на Балак во 96-та и стартот на Туре врз Дрогба), додека другите две ситуации (опструкцијата на Алвес врз Малуда и стартот над Дрогба, мислам од Абидал) беа на работ на досудување, иако по мислење на експерти нема чист пенал тука. Остана и впечатокот дека Дрогба повеќе мислеше како да изнуди пенал отколку да даде гол, а тоа можеби беше клучно Овребо да не покаже на белата точка. Мислам дека фрустрацијата по примениот гол допринесе да се зголеми оваа фама со судењето.

Но, никој не го спомнува црвениот картон на Абидал. По многумина престрого досуден. Ако има некаква теорија на заговор, зошто норвежанецот би му го покажал патот кон соблекувалната на Абидал? Факт е дека ако изгубеше Барса, повторно судиите ќе беа на удар поради судењето на првиот меч. Тогаш Волфганг Старк го изгуби компасот. Останува нејасно, зошто УЕФА не ги делегира своите најдобри судии за вакви мечеви. Платини и Блатер се јавно против доминацијата на англиските клубови во Европа, па делегирањето на овие судии оди во прилог на оние кои сметаат дека тука има некаква завера.

Она што е уште поголем срам од севкупното судење е реакцијата на Дрогба и на Балак. Сите светски и медиуми на островот се прашуваат како може така да реагира еден професионалец? Диди се дереше во камера “It’s a fucking disgrace!”, за после да го брка судијата во тунел, па овој морал па да излегува на терен за да не го снајде нешто. Балак трчаше по него како ментален, само што не го удри или сопна. По сите правила, требаше и двајцата да добијат црвен, што е уште една од низата грешки на Овребо. Иако Дрогба официјално се извини, неговото врескање по терен ќе остане забележано во психологијата како пример за фрустриран човек. Мислам дека е разбирлива таа фрустрација на Челзи по такво испаѓање. Лани несреќно не дојдоа до титулата, а еднаш беа елиминирани од Ливерпул со непостоечки гол. Другата година ќе навивам за нив во Лига, освен ако не играат со Барса нормално. И мислам дека ќе ја имаат наклонетоста.

Хидинк не смее да биде лицемерен. Кога неговата Јужна Кореја ја помина Италија на светското 2002 со помош на судиските одлуки, изјавуваше дека кога слушам дека луѓето се сомневаат во судењето, станувам лут. Италија и Шпанија треба самите да се погледнат. Јасно е дека судиите прават грешки, како што правиме сите ние. Дали сега тркалото се врти? 2002 година не е толку далеку. Гус ја одбра вистинската стратегија за влез во финалето. Но дали претера? Веројатно клучна се покажа замената Дрогба за Белети (среќниот човек за Барса) со играч повеќе. Требаше да има чувство дека Барселона го игра можеби најслабиот меч годинава, дека ова не е Ноу Камп, дека по црвениот картон на Абидал треба да оди на втор гол со уште еден напаѓач. Кога ја водеше Австралија на светското 2006, по испаѓањето од Италија, тогаш изјави: ”Пробавме со друг стил на игра, поатрактивен за гледачите. Но Италијаните не мислеа на атрактивен фудбал, тие мислеа само на резултат. Но, мистер Хидинк? Што беше овој двомеч со Барса?

Како и да е, впечатокот е дека во Рим оди тимот кој повеќе играше фудбал, кој е можеби најдобриот тим на Барселона во историјата. Во Рим ќе биде друга приказна. Не чека уште потешка работа. Но, како што рече Пеп, ние ништо не менуваме, секогаш одиме на победа со истата игра. Или што би рекол прославениот боксерски ас Аце Русевски: нема ја што да му ја мислам за противникот, нека му ја мисли он за мене!

No comments:

Post a Comment