Saturday, March 14, 2009

Поезијата како лек

Извор: Дневник

„Тешко е, оооо, тешко е, ах небото е црвено, о зошто ли...“, колку и да се чинат сосема безвредни, токму овие стихови може да помогнат против „искинати“ нерви. Научници неодамна докажаа дека пишувањето има најдобро терапевтско влијание врз растроената психа, која е резултат од стресните ситуации со кои се' почесто се сретнуваме. Откритието доаѓа од Соединетите Американски Држави, а според податоците, не е само обична медиумска сензација. Според испитувања што биле направени на Универзитетот во Калифорнија се докажало дека расказите, песните, дневниците, мемоарите, без оглед дали имаат книжевни, уметнички вредности, влијаат смирувачки врз луѓето што ги пишуваат.
Според западноевропски медиуми, истражувањата ги водел Метју Либерман, невролог од калифорнискиот универзитет. Биле испитани триесетина луѓе од различни возрасти и професии и со различен степен на едукација. Резултатите покажале дека пишувањето доведува до намалување на напнатоста, ги отстранува стресот и лошото расположение, како и дека ја побивало тагата. Пишувањето ги довело пишувачите во состојба на катарза, одушевеност од себеси, од околината, од настаните. Некои од испитаниците реагирале дури како да консумирале и халуциногени средства. Како што јавуваат повеќе западноевропски медиуми, тимот од лекари што ги вршеле испитувањата увидел дека процесот на пишување влијае директно врз човековата психа. Истражувачите успеале да докажат дека пишувањето ги зајакнува деловите од мозокот одговорни за самоконтрола. Според нивните толкувања, при креативниот занес се намалуваат емотивните збрки и се отстранува можноста за непредвидливи реакции во делот од мозокот одговорен за емоции.

No comments:

Post a Comment